Турска инвестиција во центар за ореви,,Чендлер” трета година заглавена во законските лавиринти

(Oвој напис е објавен на: April 5, 2019)

 

Трета година инвеститори од Турција никако не може да добие државно земјоделско земјиште за да реализира проект вреден еден милион евра во расадник и центар за ореви од сортата ,,Чендлер”. Овој центар е предвидено во соработка со факултетот за земјоделски науки и храна да произведува квалитетни садници од ,,Чендлер” за потребите на новите насади за кои има огромен интерес во земјава, но и за извоз за целиот Балкан. Освен подигање матичен насад, производство на садници и одгледување ореви, инвестицијата предвидува и изградба на откупен центар но и стипендирање на студенти кои во Турција би се специјализирале за технологијата на одгледување на оваа многу барана и профитабилна сорта на ореви. Со себе освен милион евра директна инвестиција турските инвеститори носат многукратно поголеми придобивки за македонското земјоделство со пренесувањето на 20 годишното знаење, но сето ова не можат  веќе трета година да го реализираат бидејќи не можат да дојдат до земја.

– Ние пред три години дојдовме во Македонија со инвестициски проект специјално наменет за оревите. Кога беше амбасадорот во Турција со него имавме средба во Бандирма. Ние бизнисмените бевме на средбата каде не поканија – дојдете и инвестирајте во Македонија.  После тој состанок добивме идеја и појдовме директно во амбасадата во Анкара на уште една средба каде го претставивме нашиот проект за инвестирање во Македонија а амбасадорот ни потврди уште еднаш дека има многу слободни површини погодни за инвестирање. Потоа дојдовме во Македонија, направивме една анализа, подготвивме инвестициски проект и го поднесовме во министерството за земјоделство по што добивме одговор дека планот е добар и може да се инвестира. По тоа ние со земјоделскиот факултет од Скопје почнавме заедно да работиме на проектот. Како прв чекор со факултетот направивме еден насад за да покажеме дека тука може да се врши калемењето и расадо-производството на садниците. За цело тоа време ги следевме и отворените огласи на министерството за поделба на државната земја и конкуриравме за места кои беа погодни за подигање на насад со ореви. Според нашиот проект баравме површина од 150 хектари за да подигнеме насад со 30 илјади садници на орев, проект вреден еден милион евра. Но огласи има многу ретко и многу малку површини се огласуваат што имаат доволно големина според нашите потреби за инвестирање, рече Ергун Илмаз инвеститор од Турција.

Веќе се чувствуваат уморни и разочарани и размислуваат да прифатат некоја од понудите на Бугарија и Романија својата инвестиција да ја реализираат таму.  Посочуваат дека партнерите инвеститори од Турција подолг период прашуваат какви се административните услови за инвестирање во Македонија а тие со своето искуство не знаат како да им кажат дали и тие да дојдат да инвестираат. Од опитното поле во Долно Лисиче од Скопје кое е во склоп на факултетот за земјоделски науки велат дека се уште постои надеж да се реализира оваа идеја која ќе донесе вистински бум во македонското земјоделство, ќе ја донесе технологијата на производство што ќе помогне директно за подигање на многу насади под ореви од сортата Чендлер.

– Ја прифативме соработката бидејќи идејата е да се стипендираат студенти  кои најголемиот дел од праксата ќе ја поминат во Турција на насади по ваква сорта на ореви но и на бадем, лешник ф’стак и други култури за ние да добиеме стручен кадар во овој дел од овоштарството. Целта беше производството да се префрли во Македонија и тука да се произведуваат садниците и наместо да увезуваме и да трошиме девизи, земјава да стане и извозен центар за Балканот. Со центарот се решава и прашањето на откупот кој е најголем проблем за земјоделците а за турските инвеститори тоа е решено прашање бидејќи тие имаат развиена мрежа и пазар за пласман на оревите така што на земјоделците ќе им остане само да се насочат како да произведат квалитетен орев и да не се грижат за ништо друго. Откако се слушна за идејата голем број млади земјоделци кои имаат сериозни површини се интересираат за да се вклучат во производството а со вакви едни инвестиции во долгогодишни профитабилни насади ќе ги задржиме и младите да не си заминат од државата, рече Лидија Бурназова раководител на опитно поле при ФЗНХ.

 

Став побаравме и од министерството за земјоделство во кој се вели:

„Балкан Валнатс“ од Турција, досега учествуваше на два огласи, поточно за земјоделска парцела во Бистренци, Неготино со површина од 114 хектари. На двата огласи компанијата имала уредна документација и ги поминала фазите на комплетност и евалуација на бизнис планот, меѓутоа и во двата случаи во текот на јавното надавање каде што може да учествуваат сите уредни апликанти оваа компанија не понудила највисока цена за закупнина односно и во двата случаи како најповолни понудувачи се јавуваат други субјекти. Претставниците на компанијата и службите на МЗШВ се во постојан контакт веќе 2 години, при што МЗШВ има асистирано во делот на поднесување на уредна и соодветна апликација, меѓутоа системот за јавно наддавање кој што е крајниот филтер за тоа кој има најповолна понуда, оваа компанија не ја избра во таа листа на најповолни понудувачи. МЗШВ и понатаму останува отворено за утврдување и изнаоѓање на други соодветни парцели за нивната инвестиција со ореови насади.

З.Б.

Share Button