
Водостопанство Брегалница ќе го надградува хидросистемот
Јавното претпријатие Водостопанство на Македонија – Подружница „Брегалница“ од Кочани на планот на подобрувањето на земјоделските потенцијали, а со цел да се обезбедат потребните количини вода за наводнување на земјоделските површини во регионот, планира да изгради девет водозафати на реките кои се на подрачјето што го опфаќа Хидросистемот „Брегалница“.
За оваа намена е распишан тендер за изработка на основен проект за инфраструктура и проект со вклучена ревизија, за кој се наменети средства од еден милион и 800 илјади денари.
– Овие водозафати ќе бидат лоцирани на четирите реки на територијата на Хидросистемот Брегалница и тоа на Злетовска, Кочанска, Оризарска и реката Брегалница. Овие зафати ќе претсавуваат еден бетонски праг којшто ќе биде на располагање за зафаќање вода и истата ќе се пренасочува за потребните на земјоделските површини, истакнува Николчо Гоцев, директор на водостопанска подружница „Брегалница“ – Кочани.
Водозафатите е предвидено да бидат изградени на следните локации: на Злетовска Река под мостот каде поминува железничката линија, на Оризарска и Кочанска Река на вливот во Брегалница, како и уште шест зафати на самата река Брегалница кај месностите Ормански, Зрновски и Прибачевски Јаз, потоа во близина на мостовите кај Виница и Грдовци, и кај месностите Слатина, Оризарска Лака и Шакирски Јаз.
Средствата се обезбедени од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2016 година.