fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Зголемените цени на горивата ќе удрат по џебот на земјоделците

Мора државата со воведувањето на вакви давачки паралелно да носи и мерки за ублажување на ударот односно да ги зголеми субвенциите за зелената нафта

Новата еколошка такса за горивата земјоделците ја коментираат како нов удар врз нивниот сиромашен стандард. Одлуката на Владата да ја зголеми досегашната еколошка такса од 0,03 денари на 3,5 денари за литар што е зголемување за 100 пати, силно ќе се одрази врз профитабилноста во секторот, сметаат земјоделците. Според нив ова може да предизвика дополнително намалување на бројот на земјоделци и намалување на површините кои се обработуваат заради тоа што ова поскапување на горивата доаѓа во пост корона период кога треба да се најдат сили да закрепнат земјоделците и да најдат начин и средства за нови инвестиции. Особено е лошо тоа што доаѓа во време кога сите репроматеријали се со веќе зголемени цени и ова сметаат дека може да биде последната капка која ќе ја прелие чашата за некои кои веќе беа на работ на рентабилноста.

-Ние не ја прифаќаме оваа мерка и сметаме дека е многу штетна и дека ќе донесе негативни последици за земјоделството. Веќе се зголемени трошоците на производство и по ваквото зголемување со дополнителни давачки за горивото кое се користи како за основна обработка така и за транспорт во земјоделството неминовно ќе биде да се зголемат и продажните цени на земјоделските производи, но колку ќе биде тоа можно со оглед на тоа дека цените ги диктираат трговците и пазарите, по се изгледа дека овој трошок или оваа давачка ќе удри директно по сиромашниот џеб на земјоделецот. Мора државата со воведувањето на вакви давачки паралелно да носи и мерки за ублажување на ударот односно да ги зголеми субвенциите за зелената нафта за да се избегне уште повеќе ниви да ни остануваат необработени, рече Ристо Велков од Независниот синдикат на земјоделците.

Според дел од земјоделците сосема е неправедно при зголемувањето на цената на дизелот исто да се третираат они кои со своите автомобили се возат по автопат со они кои го користат за производство на храна за домашниот, но и за извозните пазари. Новата давачка од 3,5 денари претставува зголемување на производните трошоци за 6% сметаат дел од професорите на Факултетот за земјоделски науки и храна, кои велат дека мора да се најде начин за исто толку да се амортизира ударот од овој основен енергенс кој се користи во земјоделството. Зголемувањето на цената на горивата се планира да почне да важи од 1 јули годинава, во исто време кога започнува и масовната жетва на пченицата низ целата земја. Она што ги загрижува земјоделците е опасноста заради ова да се зголеми цената на комбајните кои како услуга вршат жетва. Зголемената цена на нафтата ќе предизвика голем број од земјоделците веднаш по жетва да ги остават нивите неизорани со што нема да се прекине капиларната влага и нема да се изврши една многу значајна агротехничка операција која треба да помогне да се конзервира влагата во под ораничните слоеви, мерка која станува се позначајна со климатските промени и сушите кои стануваат се посурови. Како мерка која треба да ги ублажи проблемите на земјоделците по најновото поскапување на нафтата е воведената субвенција за така наречената зелена нафта. На почетокот кога беше воведена беше 30% со најави дека ќе се зголемува до 100% од вкупните трошоци за нафта при обработката во зависност од културата која се одгледува. Од Министерството за земјоделство велат дека ова ветување зелената нафта да достигне 100% постепено ќе се достигне до 2024 година и како такво е вметнато во програмата на владата. Од Платежната агенција потврдуваат дека и годинава останува поддршката како и лани во висина од 50% за што зборува и фактот дека слично на лани се предвидени вкупни средства за оваа намена.

-За оваа година за мерката набавка на еуро-дизел гориво за земјоделска механизација предвидени се 220.000.000 денари. По програмата за 2020 година за оваа мерка исплатени се вкупно 185.500.487 денари, е ставот на Платежната агенција.

Од таму додаваат дека засега постапката за избор на оператор кој треба да го врши снабдувањето и распределбата на зелената нафта е во тек.

-Нашите очекувања се во текот на септември да ги поделиме картичките за нафтата да им биде на располагање за подготовка и извршување на есенската сеидба во полјоделството и за извршување на бербата во лозарството и овоштарството додаваат од Платежната агенција.

Сегашните картички за зелена нафта се празни односно тие имаа рок да се употребат до крајот на април. Дел од земјоделците укажуваат и дека со зголемувањето на цените на сите горива всушност расте цената и на бензините кои се главни енергенс и за моторните пумпи за наводнување, а ваквото зголемување доаѓа среде лето кога се и најголемите трошоци за полевање на земјоделските култури.

Тим на Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close