Зимска заштита на овошките

(Oвој напис е објавен на: March 4, 2017)

zimska zashtita na ovoshkite

Периодот од зимското мирување овоштарите го користат за зимска резидба и заштита на овошките од болести и штетници. Заштитата се извршува со механички и хемиски мерки. Механичките мерки повеќе се спроведуваат кај помалите овоштарници и истите опфаќаат: чистење на стеблата од гасенични гнезда, отстранување на заразени делови од растенијата и собирање и горење на паднати лисје и трули плодови. Со извршување на горните работи ги отстрануваме потенцијалните жаришта од болести и штетници, од каде што рано во пролетта излегуваат спори и габи, или помага од штетници, кои извршуваат примарни зарази.

Хемиските мерки за заштита опфаќаат прскање на овошките со пестициди, со кои се сузбиваат болестите и штетниците. Некои штетници и болести презимуваат на гранките, или под кората, при што со зимското прскање се уништуваат нивните легла. Прскањето се извршува во периодот на зимското мирување и тоа исклучиво при суво, топло и мирно време. Зимската заштита како мерка задолжително се применува кај повеќето овошни видови. Најчести штетници кои се сузбиваат со зимската заштита се: лисни и штитести вошки, цветојад, молец, губар, жолтомешка, свиткувач, крушова болфа, мразовец, црвен пајак и др. Од инсектициди кои се користат за сузбивање на наведените штетници во овој период се маслените препарати: Бело масло 1%, Олепултрацид 0,3%, Фолидол масло 0,5% и др. Од болести, кои се сузбиваат со зимското прскање се: краставост на плодпвите, пепелница, кадравост и сачменка на лисјето, монилија, рогачење на плодовите, бактериска пламеница, рак на кореновиот врат и др. Од фунгициди кои се користат за сузбивање на болестите се: Бордовска чорба 1- 2%, Шампион 1%, Бакарен Антракол 0,4% и др.

Заштитата против болестите и штетниците може да се извршува посебно, но најчесто комбинирано, со мешање на двете компоненти.

Share Button