вестиТоп вести

Шапуриќ: Досега се откупени 60 отсто од количествата тутун во земјава, просечната цена е повисока од ланската

 

Откупот на тутунот во земјава тече непречено и по неполн месец се откупени 60 отсто од планираните 26.000 тони, а просечната цена е повисока од ланската, констатира директорот на Државниот земјоделски инспекторат Зоран Шапуриќ кој денеска беше на увид на откупот во прилепскиот Тутунски комбинат.

-По неполн месец од почетокот на откупот на тутунот, може да констатирам дека од планираните околу 26.000 тони тутун, досега се откупени околу 16.000 тони, што е 60 отсто од целата реколта. Ова е историски првпат забележано со таков интензитет да се откупи тутунот. Просечната цена варира, дополнително ќе имаме показатели, но факт е дека е повисока од ланската што беше 217 денари за килограм откупен тутун, изјави Шапуриќ.

Тој нагласи дека деветте откупувачи во земјава откупуваат непречено и исплаќаат во предвидените рокови, па дури и порано.

-Речиси нема забелешки за текот на откупот. На вагите се поверениците на тутунарите и од 1.000 случаи има само две-три забелешки. Тоа е минимално и се тече регуларно, посочи  Шапуриќ.

Прилепскиот тутунски комбинат, според генералниот директор Кирил Станкоски смета дека ќе преземат количества тутун и повеќе од предвиденото, а просечната цена е историски највисока.

– Нема никаков проблем со текот на откупот. Се откупува на 25 пункта во Прилеп и во пелагонискиот регион. Процесот тече непречено, се исплаќа по еден ден од откупените количества и нема никакви проблеми. Просечната цена допрва треба да се анализира зашто се носат делумни количества тутун за откуп, но факт е дека е највисока досега, рече Станкоски.

Годинашнава реколта тутун е со висок квалитет и главно поминува во прва и втора класа, смета и тутунопроизводителот Горан Каранфилоски.

-Задоволен сум, се проценува реално. Тутунот, главно поминува во прва и во втора класа. Просечната цена, кај мене е од 220 до 230 денари за килограм. Имам произведено околу 3.500 килограми, а досега донесов за откуп околу 1.500 килограми тутун. Добро е, вели Каранфилоски.

Според темпото што не е забележано последните 20-ина години, откупот на тутунот од годинашнава реколта се очекува да заврши пред законските рокови, до 15 јануари.

Извор:Локално

 

Слични написи

Back to top button
Close