Обновата на хотелот „Молика“ е најсилниот адут за развој на туризмот на Пелистер
Хотелот ќе се обновува по 30 години. Тој е сместен во срцето на Националниот парк „Пелистер“ на надморска височина од 1.420 метри
БИТОЛА – Обновата на хотелот „Молика“ е најсилниот адут за развој на туризмот на планинскиот убавец Пелистер во следниот период. „Молика“ е единствениот хотел во рамките на Националниот парк „Пелистер“ кој е под државна капа и се обновува после цели триесет години.
Хотелот е сместен во срцето на паркот на надморска височина од 1.420 метри, оддалечен од Битола на околу 15 километри со асфалтен пат и ја има најубавата местоположба со поглед на Битола, Пелагониската рамница, а кога времето е ведро ги ниже како на ѓердан сите планини, височини и низини од демирхисарскиот, битолскиот дел сѐ до Кајмакчалан и Грција. Па, пиењето на кафе на летната тераса која исто така добива нов лик, битолчани велат дека не се плаќа со пари, туку со мераци. „Молика“ најчесто е изборот на странските филмаџии од ИФФК „Браќа Манаки“ затоа што има што да понуди како комплетна слика.
Објектот е спој на дрво и мермер и е амбиентално вклопен во целиот амбиент од моликовата шума, ела и бор.
„Обновата на хотелот не значи само обнова на еден објект, туку комплетна обнова и нова додадена вредност на туризмот во Националниот парк ‘Пелистер’. Имаме 34 соби и три апартмани на кои им требаше реновирање во вистинска смисла на зборот за да им обезбедиме пријатно сместување на гостите. Собите добиваат нов лик, современ, се менува дограмата, комплетно се реновираат бањите, се поставуваат нови водоводни цевки, нов одвод и нов дрвен под. Набавени се нови душеци, нови телевизори и нови мини барови“, вели првиот човек на хотелот „Молика“ , Миле Велјановски.
За Велјановски најголем предизвик е подготовка на проект за изградба на спа центар.
Паралелно, како што се работи внатре во хотелот, се работи и надвор, на фасадата. Ќе се замени дрвенаријата на фасадата и ќе се реконструира останатата површина од објектот.
Она што е позитивното за хотелот „Молика“, е што тој е туристичка мека за гостите од соседните земји, а не помалку на број се и посетителите од западноевропските држави.
„Туристи од Албанија, Грција, Србија, Бугарија се наши чести гости, тука ги слават верските празници, семејните одмори, тука ги полнат градите со чист воздух, тука уживаат во дружењата со добра традиционална храна. Велат дека комплетниот амбиент и гостопримството се причина да се враќаат секоја година во иста организација. Во последниот период имаме туристи и од Скандинавија, особено од Норвешка, а имаме најава и за туристи од Данска“, вели Велјановски, кој инаку на функцијата е во последните шест месеци, а успеа со поддршка на ЕСМ и Управниот одбор, да ја започнат инвестицијата во хотелот.
Обновата на хотелот треба да заврши до крајот на оваа година, односно до почетокот на зимскиот распуст.
Она што му дава уште поголема вредност на хотелот „Молика“ и туристичката понуда на планинскиот убавец Пелистер е жичницата „Копанки“ која се наоѓа подолу од хотелот. Должината на жицницата и ски лифтот изнесува 1.326 метри со капацитет од 1.133 скијачи на час.
„Пред два месеца го потпишавме договорот со кој од ПСК ‘Пелистер’ ја зедовме на десет годишно управување жицницата ‘Копанки’ и ски лифтот над неа. Многу ни беше важно во текот на двата месеци од зимската сезона да им понудиме на нашите гости во хотелот скијање на стазата ‘Копанки’ и достапност до жицницата и ски лифтот. Во тек е постапка за изградба на систем за осветлување на скијачката патека Копанки. Во завршна фаза е изборот на изведувач“, изјави директорот Велјановски за „Независен“.
А.Блажевска