вестиМакедонија

Брвенчани започнаа да ги корнат јаболковите насади 

Како што најави така и направи. Драгољуб Зафировски од тетовска Брвеница започна да ги корне овошните насади со јаболка.

И годинава очекува убав род но и квалитет на јаболката, но бадијала е кога досега ниту еден не се јавил за пласман. Затоа се решив да ги откорнам, подобро е така отколку да се грижам за нив до есен, да ги соберам и наместо да ги продадам и да земам некој денар, треба како и изминативе неколку години да ги фрлам во Вардар.

-Има две децении како се занимавам со оваа дејност, произведувам Златен Делишес, Ајдарет.  Пред две години на пример десет тони јаболка ги фрлив во Вардар. Сега ќе произведеме на пример и после кога ќе дојде време за откуп ги фрламе во Вардар. И оваа година ќе видиме, ако не ќе ги извадиме сите јаболка, сега откорнав околу половина од вкупниот број на засадени овошни насади. Откупот е најважен, ако има откуп ќе насадиме и нов насад а вака е лоша состојбата. Откупната цена е околу 12 денари, не можеш да ги покриеш основните трошоци, да се надеваме дека ќе се реши проблемот. Сега ми останаа уште 5 декари, ама и за овие е неизвесна судбината, рече Драгољуб Зафировски од тетовска Брвеница.

Зафировски смета дека државата треба да преземе итни мерки за зачувување на брендот тетовско јаболко. Тоа го бараат и неговите соселани од Брвеница познато населено место по јаболковите насади

-Голема мака и многу ни е криво што тетовското јаболко е бренд и квалитетно е , ама нема што да правиме тоа е. Еден овоштарник сум откорнал, ако се подобри состојбата пак ќе насадиме. Многумина ги  корнат јаболката, не се задоволни а кога би имало откуп секој би продолжил да се занимава со оваа дејност. Јас сум да се зголеми производството, ама тоа не зависи од нас туку од повеќе фактори. Но за жал не гледам иднина и ако дојде некој да откупува јаболка игра мајтап со нас ни нуди 5 денари, па подобро ќе ги фрлам, вели соседот на Зафировски.

Дека тетовското јаболко исчезнува говори и сликата на тетовскиот зелен пазар каде ретко може да се најдат тетовски јаболка. Претежно се продаваат јаболка од Преспа и Грција. Ги запрашавме продавачите зошто го нема тетовскиот бренд, но тие немаа конкретен одговор. Накусо, ни кажаа дека земаат тоа што ќе им понудат откупувачите , а во последно  време не им нудат тетовско јаболко, иако купувачите ја бараат.

Овоштарите велат дека може да се подобри состојбата со откупот, ако државата преземе одредени мерки. Како прво решението го наведуваат во организираниот откуп, а проблем како што посочуваат е неконтролираниот увоз на тропско овошје, кое според нив пречи во продажбата на домашните производи.

Од Агенцијата за развој и поттик на земјоделието – Битола подрачно одделение Тетово, потврдуваат дека површините со јаболкови насади се намалуваат. Оттаму  го повторија истиот став. Дека освен немањето откуп, како причини за ваквата состојба е и немањето на задруги.

-Во тетовско немаме задруги, мора да се размислува на тој план да се организираат и да се формираат задруги, за да можат заеднички да настапат на пазарот на трудот и да можат заеднички да ги пласираат јаболката. Така повеќе нема кој да ги уценува и ќе ги продадат и тоа по многу подобра цена. Исто што морам да потенцирам, е дека во минатото постоеја фирми кои го гарантираа откупот, сега тие се затворени, кога некој би вложил во вакви претпријатија, состојбата би се подобрила, рекоа од Агенцијата за развој и поттик на земјоделието Регионална канцеларија Битола подрачно одделение Тетово.

Зоран Димовски

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close