fbpx
Вести

Лакавичка река ќе го спаси земјоделството во Штипско

По 4 децении историска неправда на пренасочување на природен тек на реката Крива Лакавица, водотекот ќе се врати назад како што реката течела со векови низ Лакавичкото Поле. Владата по низа реакции и барања на штипските власти, во својот развоен план зацртала во Лакавичкиот Регион да се изгради магистрален канал за наводнување кој ќе се протега од браната “Мантово” која административно е во општината Конче до селото Софилари кај Штип, во должина од 30 километри.

lakavichka reka kje go spasi zemjodelstvoto vo shtipsko

 

“Реката Крива Лакавица и соседните рекички со векови течеле низ Лакавичкото Поле и се влевале во реката Брегалница кај селото Софилари. Но, со изградбата на браната „Мантово“, водотекот на реката се сврте во обратна насока, па водата што се акумулира во браната наместо да тече и кон штипското Лакавичко Поле се пренасочила исклучиво кон Радовишкото Поле. Ако се реализира најавениот проект, не само што вода ќе имаат сите, туку ќе се исправи една долга историс ка неправда”, велат повозрасните жители во лакавичките села кои со години немаа вода за наводнување.

Градоначалникот на Штип Илчо Захариев вели дека издејствувано е во развојната програма на Владата да се зацрта во наредните десет години да се изгради магистрален канал за наводнување од “Мантово” до селото Софилари.

“Каналот ќе ги опфаќа сите десетина села долж Лакавичката Котлина со што ќе се исправи една историска неправда, а вода ќе имаат сите”, вели штипскиот градоначалник Захариев.

Според него, каналот од една страна ќе ги опфаќа и вишокот води за време поројните дождови со што ќе се намалат и штетите од поплави, а од друга страна земјоделците во секое време ќе имаат вода за наводнување на своите обработливи површини.

За наводнување се користи водата од „Мантово“

Вештачката акумулација „Мантово“ е изградена во 1978 година. Нејзин главен доток е реката Крива Лакавица која извира од Градешка Планина кај селото Долно Липовиќ и по 42 километри течение по Лакавичката Котлина се влевала во реката Брегалница кај штипското село Софилари. Нејзиното сливно подрачје зафаќа 430 квадратни километри. Но, откако пред 4 децении се изградила браната „Мантово“, природниот тек на Крива Лакавица е пресечен и пренасочен од браната во обратна насока кон Радовишкото Поле. Браната е оддалечена од селото Конче 15 километри, 18 километри од Радовиш и 25 км од Штип. „Мантово“ е долго 5,5 км, широко речиси 1 км и има површина од 4,5 квадратни километри. Просечната длабочина е 20 метри, а најголемата длабочина 40 метри. Акумулацијата е изградена за наводнување во Радовишко и Лакавичко Поле и за потребите на рудникот Бучим.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close