fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Растот на македонската економија годинава ќе биде 4,6 проценти, а инфлацијата 2,4 отсто

Растот на Северна Македонија се предвидува да биде повисок, но економијата и понатаму се соочува со ризици, оценува Светска банка во полугодишниот извештај за земјите од Западен Балкан 

 

Македонската економија годинава ќе забележи раст од 4,6 отсто, додека во наредната се предвидува растот на БДП да изнесува 3,7 отсто, а во 2023 година 3,4 отсто, беше истакнато денес на презентацијата на полугодишниот извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан. Во однос на инфлацијата од Светска банка посочија дека таа годинава во земјава ќе инесува 2,4 отсто, но дека очекуваат веќе во наредната година таа да се намали.

Проекција за раст на македонската економија од 4,6 проценти годинава е повисока од пролетните проекции.

Од земјите во регионот, најголем раст на БДП оваа година се предвидува за Црна Гора, од 10,8 отсто, потоа Албанија 7,2 отсто, Косово 7,1 отсто, Србија 6 отсто, и Босна и Херцеговина 4 отсто. Просекот за земјите од Западен Балкан годинава е раст од 5,9 отсто, во 2022 година се предвидува пораст на БДП од 4,1 отсто и во 2023 година 3,8 отсто.
Како што истакна Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија и Косово, извештајот го потврдува трендот на силно закрепнување на економиите од земјите од Западен Балкан.

„Овие позитивни изгледи и понатаму се опкружени со надолни ризици како резултат на бавното темпо на имунизација и сè уште нарушените синџири на снабдување, како и со тоа што условите за финансирање почнаа да се затегнуваат,“ рече Паолучи.
Тој рече дека економиите на сите земји во Западен Балкан, освен на Црна Гора, ќе се вратат на ниво пред пандемијата до крајот на оваа година.
Сепак, како што нагласи, закрепнувањето и понатаму е кревко. Раните знаци за предупредување кои доаѓаат од пазарот на трудот бараат повеќе внимание. Загубата на работни места од рецесијата и периодот што следуваше по неа, непропорционално ги погоди жените и младите, што може и да ги врати назад напорите на регионот за зголемување на долгорочно ниските стапки на учество во работната сила. Невработеноста на младите се зголеми на 37,7 проценти во 2021 година, што е 5,4 процентни поени повеќе од јуни 2020 година, со што уште повеќе се влошија перспективите за вработување на младите.

Во однос на препораките, како што беше истакнато на презентацијата на извештајот, од Светска банка велат дека е потребно јавните финансии да се вратат на патеката на одржливост, за што ќе придонесе подобрата наплата на даноците, намалување на трошоците на јавните организации, подоброто управување на претпријатијата во државна сопственост…
Во однос на препораките за човековиот капитал, како што беше истакнато, потребно е да се надоместат изгубените години за време на пандемијата во процесот на учење, а кога состојбата ќе се стабилизира, потребно е напорите да се насочат кон преквалификација на луѓето кои се од дејностите врз кои последиците од пандемијата се трајни. Во овој контекст беше нагласена потребата од дигитализација и развој на дигиталните вештини.
Посебен акцент се става врз зелената агенда, односно преминувањето кон раст на економиите кој што не се потпира врз фосилните горива. Како што беше истакнато, потребно е новото опкружување да го поттикне новиот модел на раст.

Генерална оцена во најновото издание на Редовниот економски извештај за Западен Балкан Зелено закрепнување е дека земјите од регионот закрепнуваат по рецесијата во 2020 година предизвикана од КОВИД-19 благодарејќи на побрзо од очекуваното закрепнување во 2021 година.

Стапката на сиромаштија во регионот се предвидува да продолжи со надолниот тренд започнат пред пандемијата и да се намали за околу 1 процентен поен на 20,3 проценти, блиску до нивото од 2019 година.

Закрепнувањето во регионот е резултат на зајакнувањето на домашната и на надворешната побарувачка. Силното зголемување на домашната потрошувачка и на патувањата низ Европа помогнаа да се зајакнат дознаките, како и приливот на туристи во екот на летната сезона. Силното закрепнување во напредните економии обезбеди и поттик на побарувачката за извозот од регионот.

„Како што земјите на Западен Балкан ќе се соочуваат со постпандемиската иднина, нивниот пристап кон политиките треба да биде фокусиран кон справување со клучните пречки за создавање на работни места и економска трансформација, вклучувајќи ја и зелената транзиција,“ вели Линда Ван Гелдер, регионална директорка на Светска банка за Западен Балкан.„Сите шест земји би имале корист од реформите на деловното опкружување, управувањето и дигитализацијата, што би можеле да придонесат за растот и за затворање на јазот со земјите на ЕУ.“

Во извештајот се разгледуваат и макрофискалните предизвици и двигателите за зелен раст во регионот. Земјите од Западен Балкан сега се наоѓаат во еден клучен одлучувачки момент во однос на неизбежната зелена транзиција.

Поместувањата во однос на климатските промени на светско ниво предизвикуваат фундаментални промени во општеството. Се менуваат желбите на потрошувачите и на инвеститорите, зелените технологии и новите бизнис модели ги менуваат сè повеќе пазарите, а зелените политики го менуваат целиот економски пејзаж. Во тој контекст, зазеленувањето на економијата за земјите станува одлучувачки фактор за меѓународната конкурентност и способноста за привлекување на меѓународни финансии и инвестиции.

Така, и земјите од Западен Балкан не се исклучок, и покрај тоа што и понатаму се карактеризираат со модел на развој наклонет кон познатите „кафеави“ индустрии, додека преминот кон зелената патека е далеку од лесен, особено на краток рок. Сепак, зелената транзиција нуди исклучителни можности за регионот на Западен Балкан, вклучувајќи поголема интеграција во евроцентричните глобални синџири на вредност, како и пристап кон значителни ресурси од Европската Унија со кои ќе се помогне финансирањето на зелената транзиција.

Ефективното управување со оваа зелена транзиција, вклучувајќи и многу компромиси со политиките, ќе треба да биде во главниот фокус на вниманието на носителите на политиките во Западен Балкан во годините што претстојат.https://nezavisen.mk/svetska-banka-rastot-na-bdp-godinava-46-otsto-inflacijata-24-otsto/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close