Откупната цена на сончогледот изнесува 30 денари за килограм со ДДВ
Фабриката за масло „Кристал 1923“ во Велес, од годинашната реколта очекува да откупи околу 5 илјади тони за производство на околу 3 илјади тони масло за јадење.
Првите камиони товарени со овогодишeн род на сончоглед од македонските ниви веќе пристигнаа пред Фабриката за масло „Кристал 1923“ во Велес, каде од годинашната реколта очекуваат да откупат околу 5 илјади тони за производство на околу 3 илјади тони масло за јадење.
Како што информираат од велешка Маслодајна, откупната цена изнесува 30 денари за килограм со ДДВ.
Инаку велешкиот производител на масло „Кристал 1923“ е единствената фабрика во земјава која откупува сончоглед и произведува масло за јадење со преработка на сончоглед од македонските ниви. Раководниот тим на фабриката повеќе година наназад работи на стимулирање на земјоделците и ги помага со набавка на семе за производство на сончоглед. Согласно склучените договори со земјоделците. овој најголем македонски производител на масло за јадење „Кристал“ ги откупува сите произведени количества на сончоглед од македонските ниви, најголем дел од земјоделците од Пелагонија, но и од други региони.




