Откупот и цената на јагнето се уште неизвесни! Оваа недела средба на кланичарите со сточарите
Дали извозот на јагне ќе почне во месец март за регионите кои не се погодени со болеста сипаници кај овците и козите?
Одгледувачите на овци се на мака кога ќе почне откупот на јагнето и по која цена. Сточари за „Зелена берза“ велат дека тие бараат цената на јагнето да не биде под 300 денари за килограм жива мера, а откупувачите засега неофицијално нуделе од 250 до 270 денари по килограм и тоа нејасно дали за оваа цена сами кланичарите ќе ги земаат јагнињата од терен или сточарите треба со свој превоз да ги носат на кланица, што е плус трошок за нив.
„Засега никој не кажува кога и по која цена ќе ни го земаат јагнето. Се очекува средба на одгледувачите на овци со кланичарите оваа работна недела, најверојатно четврток со посредство на министерот Цветан Трипуновски“, велат сточари.
Инаку, одгледувачите на овци беа најмногу оштетни со исплатата на субвенциите за 2024 година и голем дел од нив над 1.200 сточари, не зедоа субвенции со условот 50 проценти од јагнињата од бројот на овци да ги однесат в кланица. Сега со новата програма за субвенционирање за 2026 година условот за одгледувачите на овци е поприфатлив. Тие за да земат субвенции треба да однесат 30 проценти од јагнињата од вкупниот број на овци, како и да прикажа дека во регистрирани откупни центри предале 500 литри млеко, што е незначителна количина.
Но, во моментов огледувачите на овци се соочуваат со нов проблем извозот на јагне поради болеста сипаница што ја зафати стоката во два региони во државата во Липково и кумановско.
Ова значи дека состојбата со болеста ќе се следи и доколку нема негативен тренд, извозот на јагне ќе почне во месец март за регионите кои не се погодени со болеста сипаници кај овците и козите.
Анета Блажевска





