вести

Започна полнењето на оризовите полиња во Кочанско

oriz

Со пуштањето на водата во каналската мрежа од хидросистемот „Брегалница“, од денеска официјално започна полнењето на земјоделските површини на кои годинава ќе се сее ориз во кочанскиот регион. Први вода добија земјоделците во месноста Босевица во атарот на Кочани, а до крајот на неделата ќе започне полнењето на нивите и во Виница, Мојанци, Горни и Долни Подлог и Мојанци.

– Поради неповолните временски услови и врнежите од дожд и снег пред почетокот на сезоната, земјоделците не можеа навреме да ги подготват површините, поради што и ние моравме за извесен период да го одложиме пуштањето на водата во каналите. Годинава со хидросистемот ќе наводнуваме околу 8.700 хектари земјоделско земјиште во Виничко, Кочанско, Штипско, Пробиштипско и Светиниколско. Од тоа околу 3.700 хектари ќе се засеат со ориз, а останатите површини се под други земјоделски култури, истакна директорот на водостопанската подружница „Брегалница“, Дени Митров.

Пред почетокот на наводнителната сезона екипи на водостопанското претпријатие од Кочани исчистиле околу 90 отсто од каналската мрежа, а во моментот се работи на оспособување на делови од левиот магистрален канал.

Акумулацијата Калиманци е полна со максимален капацитет од околу 110 милиони метри кубни вода и до пред неколку дена била на прелив. Во меѓувреме започнало контролирано испуштање на водата за потребите за наводнување, но и за да се избегнат евентуални опасности од поплавување поради најавите за нови врнежи деновиве.


 

сител

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close