fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Тутунарите не издржаа, одат на нови протести, откупувачите ги намалуваат договорите, дури и ги прекинуваат

Дали пратениците тераат мајтап со тутунарите?

Голем е револтот на тутунарите од последните случувања во Собранието и непокажувањето интерес на пратениците да го решат проблемот со овогодинешната реколта на тутунот, која по многу нешта може да се карактеризира како катастрофална за егзистенцијата на тутунопроизводителите.

Игор Мирчески предводник на првите протести најавува дека тутунарите одат на нови протести организирани од новоформираните здруженија на тутунопроизводителите. Протестот првично се најавува за во четврток  од 12 до 14 часот, Прилепско, над Плетвар кај Лук Оил.

Револтот е голем поради игнорантскиот однос на пратениците кон проблемот со неоткупениот тутун и законските измени да се продолжи откупот на тутунот до 31 март годинава на што  чекаат со недели.

-Негрижата на институциите ја прелеа чашата, ваквото нивно однесување го скрши и онака кревкото трпение на тутунарот. Тутунарите се излажани и изманипулирани и од државата и од откупувачите и од Сојузот на земјоделски здруженија. Ова е реколта со катастрофално организиран откуп, ниски цени, лоша проценка, ригорозни мустри, високи одбитоци, на сите овие проблеми тутунарите стегнаа заби за да се земе вишокот на тутун. Но, сведоци сме дека повеќе од една недела Собранието не може да ги донесе измените на законот. Доста е, вакво понижување не сме доживеале. Ние не сме на грбот на државата и чесно си го заработуваме лебот, за да на ваков начин се гази нашето достоинство. Нема да дозволиме, излегуваме на нови протести, вели Игор Мирчески предводник на протестите.

Според него проблемот има тенденција да продолжи и со договорите за новата реколта.

-Компаниите ги намалуваат договорите, дури и ги прекинуваат на одредени места. Оние кооперанти кои го искористија правото да повикаат Второстепена комисија сега откупувачите не им ги продолжуваат договорите. Цените се уште не се утврдени, договорите истакнати. Така тутунот од една со закон регулирана гранка премина во најпроблематична гранка. Затоа Владата да преземе мерки, и ако тутунарите останат без договори да ги стави во категорија на социјални случаи барем да имаат за лекови и социјална заштита, изјави Мирчески  за Зелан берза.

А.Б

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close