Нaтпросечно топлото време неповолно за земјоделските култури
Земјоделците да посветат поголемо внимание на наводнувањето и да продолжат со другите агротехнички мерки.
Високите температури со натпросечни вредности што ја зафатија земјава, не се поволни за земјоделството.
Агрометеоролозите велат дека топлото време, невообичаено за овој период од годината, може да го забрза развојот на растенијата, но и да предизвика нарушување на водниот баланс, што, пак, може да доведе до воден дефицит и сушење.
Затоа, советуваат, земјоделците да посветат поголемо внимание на наводнувањето и да продолжат со другите агротехнички мерки.
-Ако временските услови дозволуваат, да се продолжи и со другите агротехнички мерки како пролетната обработка на почвата, уништувањето на плевелите, ѓубрењето, подготовката на почвата за сеидба на раните пролетни култури, садењето одредени раноградинарски култури, заштитата на овошните видови од појава и развој на болести и штетници, апелираат агрометеоролозите од УХМР.
Според нив, високите температури ја зголемуваат транспирацијата, што доведува до поголема потрошувачка на вода.
-Топлото време во овој период од годината е невообичаено и неповолно за земјоделските култури.
Изминатава недела беа достигнати натпросечни вредности на температурата на воздухот, кои не се карактеристични за овој период.
Порастот на температурата на воздухот може да го забрза темпото на развој на растенијата и времето на настапување на фенолошките фази.
Високите температури ја зголемуваат транспирацијата и евапотранспирацијата што доведува до поголема потрошувачка на вода.
Растенијата губат повеќе вода преку транспирација отколку што нивниот коренов систем може да прими вода од почвата. Тоа може да предизвика нарушување на водниот баланс во растението, т. е.
појавата на воден дефицит и суша, објаснуваат агрометеоролозите.
УХМР најавува дека од среда се очекува значителна промена на временската состојба, проследена со зголемена облачност, врнежи од дожд, локална појава на грмежи, засилен ветер и опаѓање на температурата.
Минималната температура ќе се движи во интервал од 4 до 14 степени, а максималната од 16 до 30.
Извор: МИА