вестиТоп вестиХрана

Јаболкото  синоним  за Преспа

Јаболкото е синоним за Преспа и логично е во традиционалната храна од овој регион да доминира јаболкото . Оттаму се и бројните рецепти за јадења со јаболко кои ги подготвуваат вредните раце на домаќинките . Последниве години Фокус групата Рурални  жени –  Преспа  од Ресен работи токму на промовирање на традиционалната храна од  овој регион.  Здружението брои  над 15 жени  кои последниве две години интензивно работат за да ја промовираат  храната што потекнува од овој регион и да им ја доближат на сите добро намерници што доаѓаат таму. Карактеристичните јадења што некогаш редовно ги имало на фамилијарните трпези, денес се специјалитети кои предизвикуваат воодушевување   кај туристите сеедно дали се домашни или доаѓаат од странство. Редовно се присутни на сите настани што се одржуваат не само во Преспа туку и на други места во Македонија. Стануваат препознатливи и горди се на она што го работат.

„Со нашите  активности сакаме да ги претставиме нашите јадења, што се подготвуваат на традиционален начин. Воедно сакаме  да ги спасиме од заборав и да ги пренесеме рецептите на нашите потомци. Токму затоа редовно  земаме учество на различни манифестации. Во нашите програмски активности имаме и организирање на работилници на кои што заинтересираните ќе може да видат на лице место како се подготвува  одредено јадење. Секако тука се и работилниците со деца кои треба да научат  кое јадење од каде потекнува и како се подготвува, за утре другиден тие да може да ја продолжат нашата мисија“, вели за Зелена берза Силвана Пандеска, член на фокус групата на жени Преспа.

„Карактеристично е ѓомлезето, но тука се и питулиците , аршлама, штрудли со јаболка  и уште многу други рецепти во чиј состав е јаболкото. Најразлични  природни сокови од боровинки, малинки и секако јаболка, објаснува Пандеска. Некои јадења се покомплицирани и потребни  се посебни услови за нивна подготовка, но членките од ова здружение прават сè што можат за да биде задоволена сечија љубопитност околу самите подготовки“, додава Пандеска.

Љубопитноста на Зелена берза ја заслади со следниот рецепт: Јаболкови топчиња

За овој рецепт за една доза   потребни  се 2кг. јаболка, 300гр. шеќер и кора од еден портокал.

Јаболката се рендаат и се пржат заедно со шеќерот на тивок оган, со постојано мешање. Им се додава рендана кора од  портокал за да се подобри аромата и бојата на топчињата. Кога смесата ќе стане налик на желатин се трга од оган и се остава да олади. Потоа се прават топчиња со големина на орев, се валкаат во обичен шеќер и се ставаат  во хартиени кошнички.

На здравје!!!

П. Јовановска

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close