„Земјата е добра ако ја сработиш, ама по која цена?“

„Никој не го гледа земјоделецот ако не се гледа сам“, ова го изјави за Зелена берза Милојче Чагорски земјоделец од с. Могила. Општина Могила е една од општините во  Р Македонија каде што жителите  својата егзистенција  ја гледаат  во земјоделското производство.

„Со земјоделие се занимавам од ко сум роден, цел живот“, го започнавме разговорот во дворот на неговата  куќа каде што живее со семејството.

Како жител кој целиот свој живот го поминува со земјоделие вели дека се’ работи, за да може да  обезбеди подобар живот за себе и  своето семејство. Земјоделието е тешко, но никогаш вака не било. Во работата вклучено е целото семејство. Од овци и крави до жито и градинарски култури. Тука им се насочени активностите на сите членови.

„ Овде земјата е добра, ако ја сработиш, добро ќе роди, но цените се многу ниски. Ниту се плашиме, ниту се срамиме од работа, но сакаме и да заработиме, вели Милојче. Децата исто така се вклучени во активностите , но како и сите млади и тие сакаат да излезат, да прошетаат, така што ако нешто не се промени,  се сомневам дека ќе продолжат со земјоделие. Мене земјоделието ми е во крвта, го сакам, но не и на децата, посебно сточарството“, додава тој.

Годинава пченицата ја имал на 12 ха и јачмен на 17 ха. Од приносите од пченицата е задоволен. Успеал да произведе 80 т пченица, но заради ниската откупна цена одлучил да ја складира во магацин и да чека подобра цена. Од приносите на јачменот не е задоволен . Причина за тоа е преголемата влага. Од друга страна пак влагата е добредојдена за пченката. Милојче Чагорски очекува по 10 т пченка од хектар. Половина од производството го користи за сопствени потреби, а останатото го продава.  Задоволен е од квалитетот, но скептик е и се плаши за откупот. Токму заради тоа планира да ги намалува површините и да посее само за сопствени потреби за добитокот што го одгледува.

 

Стадото овци го намалил на 50 грла. Бил приморан бидејќи не можел да најди овчар. За нив се грижел татко му , но тој не може да продолжи со работите околу овците. Но не е проблем само немањето овчар, проблем е и немањето на пасишта. Размислувал за шталско одгледување на овци, но за тоа не се осмелува затоа што да се инвестира во таква голема работа е голем ризик.

„Сакам  за сопствено производство, ама ништо не е стабилно во државата, ќе инвестираш и на крајот ништо“ заклучува Милојче.

 

Покрај овците  тој  одгледува и крави. Стадото му брои 25 грла и од нив дневно добива од 180-200 литри млеко.

„Со кравите има многу работа. И да сакам не можам да се проширам. Не можам да го искористам ИПАРД-от, така што во иднина ќе ги намалувам кравите и ќе престанам. Со сточарството нема иднина, не знам, зависи од државата ако поможи, но субвенциите што ги дава се како социјална помош“, раскажува за својата мака Милојче.

Покрај ова семејството Чагорски на своите површини засадило и 1 ха со домати. Не се задоволни од резултатите, сезоната со врнежи  причина за појава на болести што негативно се одразила  на родот на доматите.

Расцепканото земјиште пак е дополнителен проблем. 36 ха земја се наоѓаат на 60 места. Многу слаб е интересот кај земјоделците за комасација на земјоделските површини, посочува Милојчо.

Со  многу работа, ниски цени, расцепкано земјиште, не можност за користење на ИПАРД и други  програми со бројни  проблеми не може да се очекува којзнае каква иднина во земјоделството.

„Никој не го гледа земјоделецот ако не се гледа сам“, со овие зборови го заврши разговорто со  Зелена берза Милојче Чагорски од с. Могила.

Павлина Јовановска

Зелена берза

Share Button